Повеќе од половина од лицата во поодминати години страдаат од некој облик на пародонтопатија, додека кај 40% од лицата постари од 45 години пародонтопатијата е главна причина за губиток на забите. На второ место како причина за губење на забите е Кариесот.
Под поимот пародонтопатија се подразбира заболување кое го зафаќа целокупниот потпорен апарат на забите (пародонциумот), а него го сочинуваат гингива, алвеоларна коска, периодонтални влакна и цемент на забот. Ако не се лечи, пародонтопатијата завршува со потполно уништување на потпорниот апарат на забот и како последица на тоа доаѓа до негова екстракција (вадење).
Како да ја препознаете пародонтопатијата?
Први симптоми и знаци на пародонтопатија
Пародонтопатијата е “подмолна” болест која во почетните стадиуми може да пројде и незабележана, односно без клинички симптоми и субјективни тегоби, така што може да се случи и пациентите да не побараат помош навреме, туку се јавуваат на стоматолог во веќе поодмината фаза на пародонтопатијата.
Прв симптом кој го наведува пациентот дека нешто не е во ред е крварење на гингивата при миење на забите или џвакање на тврда храна, потоа чувство на трпнење на гингивата и чувство на страно тело помеѓу забите. Подоцна се појавува повлекување на гингивата и пациентот има чувство дека забите се издолжени. Поради ова повлекување на гингивата, се јавува осетливост на вратот на забот на ладно и топло. На самиот крај, во последните стадиуми на пародонтопатија, доаѓа до расклатување и вадење на забот.
Најважен знак на пародонтопатија е појава на пародонтален џеб кој настанува поради разорување на пародонталното ткиво. Присуство на пародонтален џеб е сигурен знак за појава на пародонтопатија.
За да знаете во каква состојба е Вашето забало, неопходна е посета на стоматолог и изработка на панорамска РТГ снимка на сите заби, заради попрецизна проценка на состојбата на забите и останатите структури во устата како и евентуално присуство на пародонтални џебови.
Како настанува пародонтопатијата?
Главен фактор за настанување на пародонтопатија е денталниот плак (безбојни меки наслаги на забите кои содржат бактерии) и забен камен кој настанува со минерализација на плакот. Токму затоа, за да не дојде до пародонтопатија, потребно е редовно чистење на забниот камен 2 пати годишно.
Исто така, миењето на забите е важен фактор во одржувањето на оралното здравје. Со нередовно миење на забите, го зголемувате ризикот од создавање на забен камен, а со тоа го зголемувате и ризикот од пародонтопатија.