„А што ако боли?“
Ова е едно од најчестите прашања што го поставуваат пациентите пред интервенција. Некогаш е кажано гласно, а некогаш се гледа во очите на пациентот уште пред да седне на стоматолошкиот стол. Ако и вие сте го почувствувале тој страв, не сте единствени. Можеби некогаш сте имале непријатно искуство кај стоматолог. Можеби некоја интервенција од минатото ве болела или сте почувствувале дека анестезијата не делувала доволно. А можеби едноставно сте слушнале туѓо лошо искуство и со текот на времето сте почнале да очекувате дека и вас ќе ве боли. Затоа, кога денес треба да одите на стоматолог за да Ви биде направена интервенција, стравот може да биде вистински – дури и кога знаете дека сте во сигурни раце.
Но не мора да биде така.
Денес не треба да очекувате болка
Современата стоматологија располага со ефикасна локална анестезија која овозможува интервенциите да се изведуваат без болка. Може да почувствувате притисок, допир или движење, но целта е болката да биде целосно контролирана. Затоа, ако вашето најголемо прашање е „дали ќе боли?“, одговорот е едноставен: не треба да боли.
Кажете ни ако Ви е страв


Не очекуваме секој пациент да влезе во ординацијата целосно опуштен. Ако сте исплашени, кажете ни. Тоа не е нешто поради кое треба да ви биде непријатно. Напротив, кога знаеме дека постои страв, можеме да одвоиме повеќе време за разговор, да Ви објасниме што ќе се случува и да одиме чекор по чекор. Понекогаш најважно е да знаете дека можете да кажете ако нешто ви е непријатно.
Најчесто стравот е поголем од самата интервенција
Многу пациенти поминуваат долго време замислувајќи ја интервенцијата и очекувајќи го најлошото. А потоа, кога ќе заврши, следува едно многу едноставно прашање:
„Тоа беше се?“
Токму затоа не дозволувајте едно старо непријатно искуство да ви каже како ќе изгледа следното. Ако одамна одложувате преглед или интервенција затоа што се плашите, првиот чекор не мора да биде самата процедура. Може да биде само разговор.
Кажете ни од што се плашите. Ќе разговараме, ќе објасниме и ќе најдеме начин да се чувствувате сигурно.
На крајот, можеби ќе откриете дека она од кое најмногу се плашевте било многу полесно отколку што сте замислувале.

