Чистење на забен камен
Забниот камен претставува цврста наслага на забите. Тој најчесто се јавува на долните предни заби од внатрешната страна и на горните бочни заби, затоа што тука се наоѓаат изводите на плунковите жлезди. Забниот камен настанува од забниот плак (меки наслаги) кој во устата се ствара половина час после миењето на забите. Во самиот плак се наоѓаат бактерии кои се нормално присутни во устата, а забниот камен се формира 7 дена потоа. Причини за настанување на забен камен можат да бидат:
– Нередовно миење на заби
– Храна која изобилува со шеќери
– Пиење на големо количество на кафе и газирани сокови во текот на денот
– Пушење цигари
Забниот камен исто така може да настане и кај пациенти кои редовно ги мијат забите, но нивната плунка е погуста и лачењето на плунката е намалено.
Во забниот камен се присутни многу бактерии кои делуваат на забот, го омекнуваат и тој станува помек и повеќе склон кон создавање на кариес. Бактериите исто така делуваат и на гингивата, така што настанува нејзино воспаление (гингивитис), кое ако не го отстраниме, може да прогредира во воспаление на потпорниот апарат на забот (периодонтитис).
Чистењето на забниот камен може да биде рачно, со специјални инструменти (кирети) и машинско, со ултразвук. После чистењето препорачливо е забите да се исполираат со специјална паста и четка, кои ќе им го вратат сјајот на забите. Забниот камен треба да се чисти еднаш до два пати годишно, а кај пациенти со напредна пародонтопатија и почесто.