Во овој блог, ќе зборуваме за апикотомија, што е тоа, како се прави и што може да направите за да ја избегнете оваа орално-хируршка интервенција.
Апикотомија или ресекција на врвот на коренот на забот претставува орално-хируршка интервенција. Таа подразбира отстранување на коренот на забот, односно санација на процесот кој се наоѓа на коренот на забот. Процесите на забите во стручната терминологија се нарекуваат периапикални лезии и можат да бидат причина за губиток на забот.
Апикотомија– Индикации за изведување на оваа интервенција.
Како причина за нелечење на кариес, често доаѓа до појава на инфекција на денталната пулпа (живец). Патолошката содржина потоа доаѓа до коренот на забот и предизвикува хронична инфекција. Таа најчесто се јавува како последица на нелекување или лошо лечење на коренските канали.
Ако оваа инфекција не се реши навреме, се шири низ каналот до коренот на забот и до неговиот врв, при што го зафаќа и околното коскено ткиво. Овој процес може да прерасне во циста и тогаш се зголемуваат шансите истиот заб да биде изваден.
Поради сите овие причини, неопходно е да се изврши ресекција на коренот на забот, односно апикотомија. Оваа процедура во повеќето случаи дава одлични резултати, а сочуван е забот кој бил предвиден за екстракција (вадење).
Пред апикотомијата, потребен е ендодонтски конзервативен третман на отстранување на инфекцијата од каналот на коренот на забот. Со ендодонтско лечење, можно е во ретки случаи да се спаси забот и без хируршка интервенција.
Меѓутоа, доколку инфекцијата на заболениот заб се повторува почесто, не може постојано да се врши конзервативен третман на тој заб. Понекогаш, условите не дозволуваат да се направи конзервативен третман на забот и неопходно е изведување на хируршки третман- апикотомија.
Со хируршко отстранување на врвот на коренот на забот и останатата коска зафатена од акутната инфекција, забот може да се излечи. Со ресекцијата на коренот, забот повторно ќе биде функционален и пациентот ќе го користи уште многу години.
Дали апикотомијата е секогаш неопходна?
Периапикалната лезија или процес не мора секогаш да биде индикација за апикотомија. Ние во ПЗУ “Д-р Доневски” ќе се потрудиме хроничниот процес најпрво да го третираме ендодонтски, секако, доколку РТГ снимката го дозволува тоа.
РТГ снимката ни овозможува правилно да ја процениме состојбата на забот, големината на процесот а исто така и неговата положба. Со анализа на сите параметри, ние ќе го одредиме адекватниот третман за секој заб.
Ресекција на коренот значи правење на пристапен рез во пределот на врвот на коренот на забот. Овој зафат се врши со примена на локална анестезија и е потполно безболен. Со специјални инструменти се подигнува гингивата, се прави отвор и се пристапува кон просторот околу врвот на коренот на забот. Во таа сеанса, се врши отстранување на коренот на забот и отстранување на периапикалниот процес заедно со околно зафатената коска.
По завршувањето на интервенцијата која трае околу 30 минути, Оралниот хирург пристапува кон шиење на слузокожата, а на пациентот, по потреба, му се ординира аналгетик и антибиотик.
Исто така, треба да напоменеме дека е можно еден ден потоа, на местото каде е извршена операцијата да се појави помалку или повеќе изразен оток, но сето тоа е нормално. Тој оток се јавува како последица на операцијата и не е од периапикалниот процес. Отокот ќр исчезне за 1 до 2 дена.
За да се намали ризикот од евентуални компликации, пациентот доаѓа на контролен преглед после 2-3 дена. Доколку се е во ред во постоперативниот период, конците се отстрануваат после една недела од операцијата.
Стоматолошка ординација ПЗУ “Д-р Доневски” во борба за зачувување на Вашето орално здравје.
Важно да напоменеме е дека после апикотомија, оперираниот заб може да се користи во протетски цели. Тоа значи дека е можно на тој заб да се постави порцеланска навлака или да биде носач на дентален мост. Секако, најдобро е да се превземат сите мерки како би се спречило настанување на кариес, создавање на дентогени инфекции и други заболувања на устата и забите. На тој начин, ќе се избегне потребата за било каква орално-хируршка интервенција. Со добра дентална хигиена и редовни посети на стоматолог, можете да го зачувате како денталното, така и Вашето целокупно здравје.
Доколку почувствувате било каква болка или нелагодност во устата, слободно повикајте не’, а ние ќе се погрижиме таа да исчезне.